Вардар рутински против најдобриот тим од германското првенство, Рајн Некар Левен, кој игра страшен ракомет секаде каде што настапува, но не и во Скопје. Повторно блескава партија на Европскиот шампион, кој ги исполни сите зацртани цели од командантот Раул Гонзалес и го победи германскиот шампион со 30:26.
Во СЦ Јане Сандански пред околу 5500 љубители на ракометот Вардар одигра шампионски и уште еднаш покажа дека нема лесно да се откаже од намерата да се одбрани тронот. Со доминација уште од почетокот, со цврста одбрана стигнуваа до лесни голови, па затоа разликата постепено растеше до највисоките 15-8 во 22-та минута. Во финишот настапи мала деконцентрација, па на пауза резултатот беше 17-13.
Во вториот дел, со малку побавно темпо, се играше гол за гол некаде до 50-тата минута, кога повторно Вардар нагази и дојде пак до највисоките седум гола 27-20. При едно исклучување примија два брзи гола, па Рајн-Некар се доближи за поподнослив пораз од четири разлика 30-26.
Тренерот на Вардар не го криеше задоволството од прикажаната игра на неговиот тим.
„Задоволен сум од победата против шампионите во Бундес лигата. Тоа е најдобрата лига и победата е многу значајна за нас. Рајн Некар секогаш игра одлично со седум играчи во напад и тоа веројатно го прави најдобро во светот. Ние имавме добро отворање и успеавме да најдеме начин за да успееме да се спротиставиме. Одигравме одлично во нападот и против Барселона, но мислам дека денеска бевме убедливо подобри и успеавме да прикажеме далеку подобра игра. Кога играш против тим кој има квалитетна одбрана и добар контранапад мора да бидеш на високо ниво, а ние денеска успеавме во тоа. Среќен сум бидејќи сме на првото место и со убава предност одиме на гостувањето во Германија следната недела”.
Борозан со седум погодоци заслужено го понесе призанието играч на натпреварот. Чупиќ го следеше со шест, а еден помалку имаше и Криштопанс. Штербик запиша девет интервенции, а Рајн Некар го предводеа Баена и Шмид со по пет гола. Филип Талески доби шанса, но не ја искористи најдобро.
Вардар останува лидер во Групата А со 15 бода, четири повеќе од Рајн Некар, пред реваншот во Германија на 26.ноември.