Во Македонија започнува проектот за поддршка и развој на дигитализацијата и е-владеење, кој ќе го координира Секретаријатот за европски прашање (СЕП), а е финансиран од САД (250 000 долари) и Естонија (100 000 долари). Естонскиот центар за меѓународен развој, пак, ќе ни даде експертската поддршка за што претставничка на оваа институција, Кадри Масик, и вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, денеска потпишаа Меморандум за соработка.
Она што е особено важен аспект на дигитализацијата, според вицепремиерот, е што таа води кон градење на поотпорно општество и нуди можности за справување со корупцијата. Тоа според него, ќе ја унапреди и транспарентноста и довербата на граѓаните во институциите.
Амбасадорката на Естонија во земјава, Кристи Карелсон, рече дека Естонија е лидер во дигитализацијата и е-управувањето кое го гледа како клучна алатка за зголемување на ефикасноста и транспарентноста на јавниот сектор и довербата на граѓаните.
„Естонската влада со воодушевување го прифати овој предлог на владата на Република Македонија и Американската амбасада во Скопје да го почне овој проект. Ми се допаѓа познатиот цитат на еден од лидерите на нашата дигитализација, поранешниот министер за надворешни работи Томас Хендрик Илвес: „Не може да подмитите компјутер“. Додека градиме дигитално општество треба да бидеме искрени со себеси дека креирањето доверба и надминувањето на сомнежот на луѓето во поглед на електронскиот систем е долг и комплексен процес. Тој е клучен за успехот, не само да се користи напредната технологија, туку и начинот на кој владата управува со процесот да креира позитивна законска клима. Друг е стандардот за кибербезбедноста, да не можат системите да бидат хакирани, а услугите да се одржуваат и да обезбедат безбедност на личните податоци“, кажа амбасадорката Карелсон.
Американската амбасадорка, Кејт Мари Брнз, истакна дека САД очекуваат позитивни ефекти од проектот.
„Оваа соработка е пример за продуктивните односи што се развиваат кога партнерите кои се на иста линија ги прифаќаат истите основни вредности и работат кон постигнување заедничка цел. Денес зборуваме првенствено за е-управување и дигитализација, но ова партнерство што го преземаме, се надевам, ќе генерира позитивни ефекти во широк спектар на области“, нагласи Брнз.