Хирурзите во „8 септември“ од понеделник ќе штрајкуваат, откажани операции кои не се итни

Facebook
Twitter
Email
Print


Хирурзите во болницата ГОБ „8 Септември“ во понеделник ќе искажат незадоволство на протест поради проблемите со функционирањето на хируршките сали, со откажување на сите операции, предупредува хируршкиот колектив преку писмо до директорот, објавено во медиумите.

Тие велат дека операции ќе се прават само врз пациентите во животозагрозувачка состојба, кои ќе бидат соодветно болнички третирани и згрижени.

Тие се револтирани затоа што како колектив не добиваат прием кај директорот на болницата Христијан Костов, за да поразговараат за проблемите со хируршките сали.

„Во болницата секојдневно функционираат само две хируршки сали дневно наместо полниот капацитет кој би бил шест сали во текот на денот. Јасно е дека со настанатата ситуација со пандемијата капацитетите ќе бидат намалени, но ова е под реално можно ниво и резултира со тоа што пациентите кои не се во животозагрозувачка позиција не можат да добијат термин за хируршка интервенција. Од страна на вработените беа понудени неколку решенија за реорганизација на работата како би се постигнала поголема ефикасност, но истите или не се стигнати до директорот или директорот не ги спроведува ниту предложува други решенија. ГОБ ’8 Септември‘ е столб на здравството во државата. Во изминативе две години ние сме главен ковид-центар во државата каде што се згрижуваат најтешките пациенти од пандемијата, прифатен центар за сите хируршки пациенти од сите болници надвор од Скопје од кои голем број се на терциерно ниво, а за жал по некоја необјаснета логика ГОБ „8 Септември“ е сè уште на секундарно ниво“, се вели во писмото.

Нивните барања се да се овозможат услови во болницата за да може да им пружи хируршка здравствена заштита на поголем број пациенти чии болести не исчезнуваат поради пандемијата, наведуваат во писмото.

„За надминување на ситуацијата постојат неколку решенија и сме отворени за дополнителни предлози. Поради сериозноста на ситуацијата, како предупредување и начин на алармирање за ситуацијата, наредната недела од 27 септември ќе биде прекинат селективниот хируршки програм во болницата, но поради нашите пациенти сите кои се во животозагрозувачка состојба ќе бидат соодветно прифатени и згрижени. Се надеваме дека ова наше барање ќе биде разгледано и постапено по истото, ако не од директорот на институцијата, тогаш од министерот за здравство или од претседателот на владата“, наведено е во писмото.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи