Денеска до тетовското Основно јавно обвинителство пристигнал полицискиот извештај од извршениот увид во изгорената модуларна болница во која трагично загинаа 14 луѓе.
„Во Основното јавно обвинителство Тетово денеска пристигна извештајот од ОКТИВ при МВР од извршениот увид на местото на пожарот во Модуларната Ковид болница во Тетово, кој беше побаран со наредба од обвинителството. Извештајот ќе биде разгледан и анализиран од страна на обвинителите. Се очекува да пристигнат извештаите и податоците за кои обвинителството има издадено наредби и насоки“, велат за „Фокус“ од Обвинителството.
Според информациите од таму, во моментов се сослушуваат членови на Комисии за имплементација, следење и технички прием на модуларните монтажни контејнери, кои биле со решение формирани од Министерството за труд и социјална политика.