Премиерот Зоран Заев денеска повтори дека ниту тој, ниту ЕУ добила гаранции од Бугарија за деблокирање на процесот за членство на земјава во Унијата, потенцирајќи сепак дека работните групи продолжуваат да работат и оти е можно да се најде решение доколку двете страни тоа го сакаат.
„Јас реков гаранции ние од Бугарија не добивме за време на словенското организирање на Самитот ЕУ – Западен Балкан, ниту пак ЕУ доби гаранции. Пораките беа јасни и верувам дека претседателот Радев ги сфати самите пораки. Уште еднаш потврдувам билатерални работи треба билатерално да седнеме и да ги решаваме. Работните групи продолжуваат да работат. Верувам дека би дошле до усогласени текстови, би се решило тоа прашање“ , рече Заев во одговор на новинарско прашање на прес-конференција во Владата.
На прашање за декларацијата од Македонци во Бугарија во која бараат да се запре со непринципиелните компромиси со оваа земја, премиерот Заев истакна дека ниту е европски, ниту е исправно да се мешате во внатрешните работи на другите земји.
„Ние треба да го правиме она што го прават сите други земји, секогаш кога се јавуваат граѓани во други земји, а тоа е апелирање за почитување на меѓународните договори за сите и секогаш правата да ги бараат пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Не е европски, ниту е добрососедски, ниту е пријателски ние да се инволвираме во тоа што се случува во Бугарија, ниту пак сакаме некој да се инволвира кај нас“, рече Заев.
Тој додаде дека и нашиот Устав вели дека земјава не треба да се меша во внатрешните работи на другите земји. Тоа, нагласи, го кажува и Договорот за добрососедство, пријателство и соработка каде исто така е преземена обврска за немешање во внатрешните работи на Бугарија. Тој нагласи дека и барањето од Бугарија за вметнување на бугарската етничка група во нашиот устав не го доживува како мешање во нашите внатрешни работи. Тоа, рече, е право на секоја земја да побара, како што е наше право да одлучиме дали ќе го направиме тоа.
„Исто така, право на Бугарија е, како што е наше право овде, дали ќе излезе во пресрет на Декларацијата која што ја објавуваат тамошни граѓани, граѓани на Република Бугарија за одредени свои ставови или сугестии. Ако навистина сакаме да бидеме европејци, треба на европски начин да ги разгледуваме работите. Ако сакаме да се вратиме кон она дека ни сме центарот на светот и се се врти околу нас и ние сме најважните на свет, притоа не почитувајќи ги сите соседи, остатокот од светот, тоа е друго прашање“, рече Заев.