Со дводневна онлајн меѓународна научна конференција „Предизвиците на компаративната книжевност во 21 век“, Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ Скопје одбележува 40 години постоење.
На конференцијата денеска и утре ќе бидат претставени 40 реферати посветени на развојот на македонската книжевна компаративна наука, на клучните актуелни предизвици на оваа книжевно-научна дисциплина, како и на творештвото на Блаже Конески низ компаративни визури што е во рамки на националното чествување еден век од неговото раѓање.
Катедрата за општа и компаративна книжевност е основана во учебната 1980/1981, на иницијатива на нејзиниот прв раководител, академик Милан Ѓурчинов, уште во март 1977 година. Покрај Ѓурчинов, темелите на овие студии ги поставиле и професорката Вера Јанева-Стојановиќ и академик Влада Урошевиќ – со чие излагање на тема „Поезија и политика“ почна работниот дел на конференцијата.
Деканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ Анета Дучевска рече дека Катедрата за општа и компаративна книжевност е посебна од повеќе причини, оформена многу подоцна од другите катедри, иако зачетоците ѝ се уште во предвоениот Скопски универзитет.
„Најмногу таму се негува мулти- и интердисциплинарност. Работи во еден нетипичен факултетски простор и секогаш се грижи да ја следи големата слика отколку да парцијализира и да ја испушти суштината. Студентите од оваа катедра се редовни добитници на наградниот есеј од Факултетот, редовни учесници на студентските конференции и се редовно ангажирани во општествениот и во факултетскиот живот по разни прашања. Сето ова ја прави оваа катедра прилично атрактивна, но и воздржано елитна – помалку во квантитет, а повеќе во квалитет во сите сфери на нивното делување“, рече Дучевска.
Јубилејот на Катедрата го честиташе и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Никола Јанкуловски. Во обраќањето тој рече дека дипломираните на оваа катедра остваруваат незаменлив придонес не само во сферата на науката за литературата, образованието, книжевната критика, есеистика и уметничка продукција, туку и во издаваштвото, новинарството, културниот менаџмент и воопшто во културата.
Во изминатите четири децении на оваа Катедра дипломирале професори, книжевни, филмски и театарски критичари, уредници во издавачки куќи, новинари, како и познати имиња на современата македонска литература. Сите четворица македонски добитници на Европската награда за литература студирале на Катедрата за општа и компаративна книжевност.