Денес, на 21 декември 2021 година, преку онлајн настан беше одржан Промотивен настан на кој беше презентирана Почетната Студија за младински трендови во рамките на проектот „Младинско учество за силен и одржлив развој на заедницата“, финансиран од Европската унија. На настанот учестуваа млади лица, претставници на граѓански организации и меѓународни организации, службеници за млади и претставници на локалните младите совети.
Настанот го отворија Зоран Илиески, Тим лидер на проектот и Ирена Иванова, Програмски менаџер при Делегацијата на Европската унија.
„Се наоѓаме во период од фазата на спроведување на законот за младинско учество и младински политики, сметаме дека проектот значително ќе придонесе кон негово спроведување особено во делот на воспоставување на посистематска соработка со граѓанското општество кон суштинско младинско учество. Со проектот директно ќе ја поддржиме работата на локалните службеници за млади, ќе дадеме придонес во развојот на волонтерството и ќе им помогнеме на општините во развојот на локалните политики за млади, промовирајќи ненасилна комуникација и родова еднаквост“, изјави Зоран Илиески, Тим Лидер на проектот и Извршен директор на Коалицијата на младински организации СЕГА.
„Квалитетот на живот и перцепцијата на младите за иднината во нашата држава не е на завидно ниво и младите сметаат дека платите се ниски, а цената на производите расте и тоа ја отежнува ситуацијата да имаат стандард на живот како што посакуваат. Слободното време на младите луѓе се сведува на посета на кафулиња и гледање ТВ, што ни од далеку не е доволно за добар квалитет на живеење. Младите сметаат дека најдобар начин и мотивација за да се вклучат во донесувањето одлуки на локално ниво е преку граѓанските организации, што е одлична можност за вклучување имајќи предвид дека најголем дел граѓанските организации вклучени во ова истражување делуваат на учество на младите во јавниот живот“, изјави Софија Георгиевска, главниот истражувач за Почетната Студија за младински трендови.
Клучни наоди од истражувањето
Рангирајќи ги клучните проблеми со кои се соочуваат младите, можеме да забележиме дека за 58,4 % од младите, невработеноста е на прво место, потоа спаѓаат материјалната и економска независност (50,8 %), како и алкохолизмот, зависноста од дрога, деликвенцијата и слично (45,9 %). Во однос на стандардот за живеење, младите го делат мислењето дека стандардот ни е низок, но, од друга страна, има мала мотивираност кај младите да го подигнат, а најчесто како најлесно решение се бира заминувањето од земјата во ЕУ. Она што е битно е дека младите се свесни дека тие се оние што треба да ја дизајнираат својата иднина.
Дигитализацијата на образованието е позитивно прифатена поради големиот број предности, особено во однос на лесната достапност до повеќе образовни ресурси, но проблем е што сите ученици немаат еднакви можности за настава. Младите сметаат дека реформите и дигитализацијата на образованието се процес за кој треба поопсежна дискусија и дебата за да се изнајдат најсоодветни решенија. Според младите, учениците и родителите не се вклучени и консултирани во образовниот процес.
Младите не се задоволни од квалитетот на постоечките мерки и политики за младите луѓе (политиките во однос на здравството, образованието, вработувањето, домувањето, културата итн.). Дополнително на тоа, многу мал дел од младите (28,8 %) се запознаени со Законот за младинско учество и младински политики а уште помалку со Националната стратегија за млади 2016 – 2025 (19,4 %). Повеќе од половина од испитаните млади не се информирани дали постои локална стратегија за млади во нивната општина.
Иако младите имаат генерално позитивен став кон младинскиот активизам, тие многу малку се задоволни со моменталното ниво на младинско учество во процесите на креирање политики за млади. Ова мислење го делат и граѓанските организации – само 8,2 % од претставниците на ГОите сметаат дека владата има функционален механизам за младите да можат да даваат повратни информации за квалитетот на политиките, програмите и услугите. Од друга страна, пак, 39 % од организациите истакнуваат дека нивната организација не учествувала во циклусот на донесување одлуки и креирање политики / услуги во изминатите 12 месеци.
Само 20,3 % од младите во последните 12 месеци учествувале во некој процес на донесување одлуки во училиште, факултет, општина или во владина институција. Малку поголем процент од 30,6% млади изразиле став на социјалните медиуми во последните 12 месеци.
Алармантен е податокот дека само 22,9 % од младите слушнале за локални младински совети што улажува дека локалните младински совети генерално не допираат до најголем дел од младите лица. Сепак, само 20 % од младите сметаат дека ЛМС можат ефективно да ги застапуваат интересите на младите. Младите сметаат дека најдобар начин и мотивираност за да се вклучат во донесувањето одлуки на локално ниво е преку граѓанските организации.
За проектот
Проектот „Младинско учество за силен и одржлив развој на заедницата“ е финансиран од Европската унија и спроведуван од страна на Коалицијата на младински организации СЕГА како главен имплементатор заедно со партнерите СОС Детско Село Северна Македонија, Волонтерски Центар и Асоцијација Женски Форум Тетово. Проектот има за цел да гo подобри квалитетот на имплементацијата на младинската политика заснована на структурна соработка и суштинско учество на вмреженото граѓанско општество со што ќе придонесе кон независно и одржливо граѓанско општество поддржано од погодна средина која поттикнува партиципативни и родово-сензитивни процеси на креирање младински политики. Периодот на имплементација е јануари 2021 година – април 2024 година.