Граѓаните во Прилеп и околината кои не можат да со дозволат да платат адвокат во нивните судски постапки чекаат со месеци државата да им додели бесплатна правна помош, односно бесплатен адвокат. Најголемиот проблем лежи во тоа што во подрачното одделение во Прилеп на Министерството за правда има само 1 вработен кој што не е надлежен за ива и ваквите барања се препраќаат по други одделенија во градовите.
„Тоа како бројка нас може да ни значи нешто, или да не ни значи ништо, бројот на денови. Но станува збор за решавање на животни прашања на граѓаните, во одредени случаи се работи за тужби за издршка на дете, во одредени случаи се работи за право за работен однос, за узурпација на земјиште или неможност да се пристапи до сопствениот имот. Тоа се животни прашања кои граѓаните немаат друг начин да ги решат во судска или управна постапка освен да побараат помош од државата да им се додели бесплатен адвокат. И тука се соочуваме со потешкотии, каде што чекаат со месеци за одобрување на нивните барања“, рече Весна Шапкоски, извршна директорка на СТАНИЦА П.Е.Т.
Токму затоа во Прилеп денеска се презентираше публикацијата „Правда која се одолговлекува и правда која не се постигнува“ и беше побарано итно вработување на потребниот кадар во одделенијата на Министерството за правда.
„Со фокус на тоа во секоја од општините да има одговорно лице кое може да донесува одлуки по поднесените барања за секундарна правна помош, заради тоа што само на таков начин ќе имаме ефективно, ефикасно и навремено обезбедување на пристап до правда за овие најранливи категории на граѓани и дополнително апелираме пополнувањето на слободни работни места по подрачните одделенија да биде со фокус кон дипломираните правници со положен правосуден испит“, додаде Ивона Шушак Лозановска, авторка на анализата.
Беше потенцирано и моменталната диспропорција со вработени, пример во Прилеп има ова одделение само 1 вработен, а во Тетово што покрива ист број на жители има 21 вработен.