На „акција“ ќе може да се продаваат и поевтинетите производи

Сите производи кои согласно утрешната владина одлука ќе поевтинат за 10 проценти, ќе може да се ставаат и на „акциски“ продажби во маркетите, но по цени пониски од веќе намалените. Доколку, пак, „акцијата“ е поради рокот на траење на производите, тоа ќе мора да биде јасно наведено – дека намалувањето на цената е поради истекот на рокот на производот.

Како што рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши, утре ќе има мала корекција на одлуката за акциските продажби, а целта е да се спречи секаква измама или манипулација на потрошувачите од страна на трговците.

„Акции за дополнително намалување на цените од ова што утре ќе го утврдиме, ќе бидат дозволени. Тие што можат тоа да го направат, може да се промовираат себе си, нас не ни е проблем. Нам ни е важно да има намалување на цените и потрошувачите да не бидат доведени во заблуда. Акции може да има за сите производи кои ги има одреден супермаркет, но нема да може да се стави „акција“ како ознака во моментот кога таа акција е поради истек на рокот. Тоа ќе мора да се наведе – дека намалувањето на цената на производот е поради истек на рок за потрошувачот сам да одлучи дали би го купил тој производ и дали има време во рок од два, три, пет или десет дена да ги потроши производите што би ги купил. Утре ќе има мала корекција на таа одлука. Мене ми беше важно граѓаните да не бидат измамувани и да не се ставаат во заблуда. Откако ќе бидат објавени некои акции, кога ќе одат дома, рокот на тој произод не е повеќе од два дена и дополнителните трошоци се на потрошувачите кои повеќе од 50-на отсто од тие производи треба да ги фрлат. Такви акции нема да бидат дозволени“, потенцира Бектеши.

Тој информира и дека веќе е подготвено ново законоско решение за нефер трговски практики, а ќе има, напомена, и измени во Законот за Државен пазарен инспекторат со кои ќе се зголемат надлежностите на оваа институција.

„Наредниот вторник ќе има неколку предлози од Министрството за економија кои доаѓаат од експерти и се дискутирани со стопанските комори. Веќе е подготвено ново законоско решение за нефер трговски практики, иако тоа е предвидено со Законот за потрошувачи, ќе има одредени механизми и за казнување, но и за злоупотребите при формирањето цени во секторот трговија. Ќе биде со европско знаменце, а за пример се земени држави од ЕУ во кои има вакви законски решенија.  За ова ќе ја информираме јавноста кон крајот на оваа и почетокот на идната недела, откако ќе завршат сите консултации со коморите и Организацијата на потрошувачите“, истакна Бектеши.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи