Со оваа дадена заклетва првачињата од ООУ „Кочо Рацин“ од Прилеп се приклучија на Детската организација. Со манифестацијата се завршуваат и активностите кои се одвиваа во училиштето во изминативе денови како дел од Детската недела која се случува секоја прва недела од месецот октомври.
„Ова што денес се случува е всушност еден свечен чин каде првачињата се примаат во детската организација, а тоа го прават преку едно свечено ветување кое го даваат, а вие ќе бидете сведоци на тоа, верувам дека ќе биде интересно. Поканети се родители, тука се сите колеги, другарчињата од повисоките одделенија подготвуваат свои излагања, свои точки со кои ќе ги примат првачињата во детската организација. Ова е еден свечен настан, се поклопи и со празникот 11 Октомври, така да тоа сето во духот на празникот и прославувањето е интересно, тие се возбудени затоа што ова се случува, ние ги подготвувавме за овој ден уште од денот кога зачекоруваат во училиштата и нормално со нетрпение го очекуваат овој настан и официјално свечениот прием во детската организација“, истакна Гоце Бумбароски, наставник.
Неделата беше исполнета со голем број активности на учениците, а како една по значајните беше хуманитарната акција за малиот Никодим од Прилеп на кого му е дијагностициран тумор на мозокот.
„Посебно ќе го напоменам плетењето на белезичиња кои децата ќе ги посветат во хуманитарната акција за собирање на средства за детето Никодим, за кое претходната недела имавме собрано доста убава сума од некаде 52.000 денари, така да и оваа недела ќе продолжи таа активност и сите тие средства ќе бидат донирани за хуманитарната активност“, изјави Јулијана Тренкоска, директорка на ООУ Кочо Рацин – Прилеп.
Денешниот ден беше одбележан и со пригодна програма која ја подготвија учениците од ова училиште.