Во Културно-информативниот центар во Истанбул на 8 ноември 2024 година со почеток во 19h се одржa концерт на Ана Митоска – сопран и Јанинка Невчева – пијано, кои како членови на дуото “Consonance”, се претставија во максимално исполнет концертен простор на КИЦ – Истанбул, со дела од Ј. С. Бах, Г. Ф. Хендел, А. Калдара, М. Ламберт, како и од двете современи и еминентни македонски композиторки од поновата генерација – Валентина Велковска – Трајановска (беше изведена нејзината композиција „Глуварче“/ “Dandelion” по стихови на Јован Стрезовски) и Дарија Андовска (чија композиција „Молитва“ е со комплетни музика и текст напишани од композиторката). Концертот се одвиваше во убава топла атмосфера, а публиката, која со исклучителен интерес го следеше избраниот репертоар, изразувајќи пофални зборови по секоја изведена композиција, ги награди уметниците со емотивни аплаузи и враќање на бис. Концертот беше реализиран со поддршка на Министерството за култура на Р. Македонија.
АНА МИТОСКА (сопран), дипломира соло пеење на Факултетот за музичка уметност – Скопје, во класата на проф. Славица Галиќ – Петровска. Бележи настапи во Македонија, Италија, Хрватска, Србија, Бугарија, во облик на целовечерни солистички концерти или концертни соработки, како и учества во претстави. Како солист има остварено соработки со повеќе македонски и европски ансамбли, диригенти, композитори и инструменталисти. Нејзиниот разновиден и несекојдневен репертоар се базира врз раната класична музика и почетоците на белканто стилот, музиката на барокот, ренесансата, наназад преку старите стилови на пеење како средновековна западноевропска литургиска музика, музика на трубадурите, источно црковни (византиски) напеви, традиционална македонска музика и музика од светот, ангажмани како вокален солист во театарска и филмска музика, како и изведба на дела од современи македонски композитори.
Носител и идеен автор е на неколку проекти, меѓу кои може да се издвои перформансот „Сонувања за заборавеното“ (во коавторство со Димитар Ѓорѓиевски), солистички концерти во Рим, Струмица, Прилеп, и камерни концерти во Скопје и Струмица со квартет „Полихимниа“. Дел е од уметничката екипа во неколку театарски продукции на НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп како вокал, музички соработник и инструменталист, во чии рамки настапува во претстави на Охридско лето, МОТ, ФКТ „Ристо Шишков“, Фестивал Мирослав Крлежа, МТФ „Војдан Чернодрински“ итн. Учесник е на мастеркласеви за пеење во Македонија, Шпанија, Италија и Бугарија, а својата вокална техника и интерпретација ги усовршувала со Славица Петровска – Галиќ, Ема Киркби, Бенџамин Бегби, Катарина Ливјаниќ, Руди Парк, Билјана Јакимовска- Јовановска, Ана Дурловски, Михаило Арсенски, Јосиф Герџиков и низ учество на две мултидисциплинарни работилници за движење и глас со Питер Шишиоли и Искра Шукарова.
ЈАНИНКА НЕВЧЕВА (пијано), дипломирала на ФМУ во класата на проф. Борис Романов. Од 2000 до 2005 година престојувала во Париз, каде се усовршувала покрај истакнатите пијанисти Мартин Жост и Клод Алфер (Martine Joste, Claude Helffer). Нејзиниот интерес во тоа време е претежно насочен кон изведбата на дела од XX век и на современи дела. Соработувала со разни музичари во камерни состави. Настапувала претежно во европските земји: Италија, Франција, Германија, Србија, Бугарија и т.н. Во Македонија се има претставувано во солистички и камерни изведби на фестивалите Скопско и Охридско лето, Интерфест – Битола и Хераклејски вечери.
Oд 2006 до 2012г. се занимавала со музичка педагогија за деца од претшколска возраст (музичко будење, Детски свет). Учествувала во интердисциплинарни уметнички проекти (меѓународна театарска продукција Дороти, 2007; уметнички работилници за ранливи групи под водство на психолози, 2006, 2014). Од 2006 е вработена во Националната Опера и Балет како корепетитор во Операта. Има соработувано со FAMES продукцијата за филмска музика. Интерпретатор на делата за соло пијано во авторскиот компакт диск на македонскиот композитор Александар Пејовски (Le Tombeau, 2010). Во 2021 издава двојно цд посветено на раниот клавирски опус на Бетовен, поддржано од Министерството за Култура.
Како членови на Duo Consonance, Ана Митоска (сопран) и Јанинка Невчева (пиано) посветени се на потрагата по убавината и хармонијата во звукот. Нивната соработка започнува за време на нивните рани денови во Македонската Опера и Балет, каде што работат заедно и откриваат заеднички музички интереси. Соработуваат при припрема на аудиции, а изведуваат и оригинална програма со ренесансна музика во Педагошкиот центар за музичко будење „Детски свет“, проект воден од Јанинка Невчева во Скопје од 2006 до 2012 година. Во септември 2021 година заедно настапуваат на Меѓународниот фестивал Concerti del Tempietto во Рим.