Средното општинско училиште „Св. Наум Охридски“ во Македонски Брод вчера на 26 декември свечено го одбележа својот 50-годишен јубилеј од основањето во 1975 година. Прославата започна во просториите на училиштето со свечен прием на некогашни и сегашни ученици, наставници, и поранешни вработени, а продолжи во Домот на културата во Македонски Брод со богата културно – уметнички програма.
На настанот присуствуваа претставници од локалната самоуправа предводени од градоначалникот Жарко Ристески, поранешни генерации ученици и многубројни граѓани, кои заедно се потсетија на долгогодишниот придонес на училиштето во образованието и развојот на заедницата. Јубилејот е одбележан со настапи на учениците, изложби и свечени говори, истакнувајќи ја улогата на СОУ „Св. Наум Охридски“ како клучна образовна институција во регионот.





