Само преку разни програми од Министерството за транспорт во Прилеп вкупно се инвестираат 580 милиони денари, или 9.5 милиони евра. Во првиот повик беа околу 3 милиони евра, во вториот се некаде околу 4.5 милиони евра, изјави денеска во Прилеп, Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.
„Заедно со Светска Банка имаме програма од околу 350.000 евра и не ги забораваме оние на кои им е најмногу потребна поддршка, а тоа се социјално загрозените, околу 1.5 милиони евра се инвестираат преку Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор во изградба на зграда со социјални станови која до крајот на годината треба да е завршена и здравје до пролет и тие станови да бидат поделени и да бидат вселени.
Ќе работиме со градоначалникот и на нови проекти, да не го повторувам она што го кажа, исто така ми е драго дека изградбата на автопатот Прилеп – Битола оди со одлична динамика, во текот на летово имаме добри бројки и динамика, вчера имавме работен состанок баш тука и очекувам веќе следната година да имаме добри вести и за Битола – Прилеп. крајниот рок останува непроменет, тоа е 2029 година, но првите километри комплетно завршен автопат, во две насоки со по 3 ленти, со изградени помошни патишта ги очекувам веќе следната година“, додаде Николоски.