Денешната посета на Христијан Мицкоски на Прилеп имаше само една цел: продолжување на континуираното ширење лаги за „невидените“ успеси на „третата економска сила во Европа“. Ширење на приказната за илјадниците градежни проекти ширум Македонија, изградените стотици километри автопатишта, модерните брзи пруги по кои возовите “летаат“ 200 км на час, незаборавајќи притоа да го спомене и “талогот“ како главен кочничар на економскиот развој и европскиот пат на Македонија, стои во реакцијата на ОО СДСМ Прилеп на посетата на премиерот Христијан Мицкоски во Прилеп.
Реакцијата ја пренесуваме во целост.
„Вршејќи увид во работите на кружниот тек Табана, кој патем речено требаше да биде готов пред 2 месеца, Мицкоски зборуваше и за невидените успеси на градоначалникот Дејан Проданоски, кои постојат само во неговата фантазија и никаде на друго место.
Добро е што премиерот дојде во Прилеп, во градот на театарот без театарска куќа, во градот на спортот без спортски сали и со најголемиот спортски бренд во изумирање. Бидејќи само така можеше да се увери во мизеријата од 5-годишното раководење на ДПМНЕ со општина Прилеп.
Мицкоски ја пропушти шансата да го посети опожареното Мариово и да види како преморените пожарникари, со несоодветна опрема и механизација, петти ден со натчовечки напори се справуваат со огнената стихија. Да им каже на пожарникарите дека нема да има набавка на нови воздухоплови за гаснење на пожарите, оти приоритет е купување нов авион за Владата.
Мицкоски не ги посети ниту реализираните изборни ветувања на градоначалникот Проданоски: обиколниците „Исток“ и „Запад“, новата детска градинка во УЗ „Рид“, реновираната Универзална сала, излетничкиот центар од 30.000 квадратни метри кај село Волково, мултифункционалната сала со 2.000 седишта на местото од „Соколана“, трговскиот центар со забавен парк кај поранешен „Металец“, пешачките и велосипедските патеки на спортско-рекреативниот центар „Вештачко езеро“, адреналинскиот парк кај Старо Лагово…
„Грижата“ на премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот Дејан Проданоски за економски развој на градот, за подобар стандард на прилепчани, навистина е видлива на секој чекор и во секој сегмент од општественото живеење на граѓаните на општина Прилеп!“, стои во реакцијата.