Кога немате аргументи, остануваат само нападите. Но, фактите се непобедливи. Во времето на краткото владеење на СДСМ, градежните активности во Прилеп и низ Македонија беа реткост. А и она што го оставија зад себе, наместо развој и бенефит, на Прилеп му донесе проблеми и штета. Најдобар пример за тоа е милионскиот булевар, кој ја изолираше чаршијата и не донесе ништо добро, реагираат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп на реакцијата на ОО СДСМ Прилеп која дојде по посетата на Прилеп од страна на премиерот Христијан Мицкоски.
„Денес сликата е сосема поинаква. Со посветена работа, градоначалникот Дејан Проданоски успеа Прилеп денес да биде град во кој се работи на повеќе фронтови. На ул. „Кузман Јосифоски“ е направена целосна обнова на водоводната мрежа, со инвестиција од околу 6 милиони денари, а Општината продолжува со обновување на самата улица на околу 300 метри.
Кај „Табана“ се реализира сериозен инфраструктурен зафат вреден 141 милион денари – нов кружен тек, проширување и санација на мостот, уредување на речното корито и изградба на канал. Значаен дел од инвестицијата е обезбеден преку Владата и Министерството за транспорт, додека Општина Прилеп учествува со сопствени 15 милиони денари.
И ова не се изолирани проекти. Во последниве една до две години, преку поддршка на Владата и договорите со надлежните министерства, во Прилеп се реализираат проекти во вредност од над 12 милиони евра.
Продолжуваме со реконструкција на улици, тротоари и водоводна мрежа, уредување на јавни површини, спортски и детски игралишта и инфраструктура во индустриските зони.
Продолжуваме со реализација на проектите од предизборната програма. Дополнително, обезбедени се 168 милиони денари за подобрување на локалната патна инфраструктура во следните три години, од кои 60 милиони денари се предвидени само за оваа година.
Ова се факти. Проектите се гледаат. Инвестициите се гледаат. И додека ОО СДСМ денес се обидува да ги негира градежните активности, низ Македонија во моментов има над 1.200 активни градилишта, благодарение на политиките на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски.
СДСМ како да подзаборава какви резултати остварува од 2021 година наваму, како да подзаборава дека во неколку изборни циклуси народот ги смести на темната страна на историјата, а сето тоа поради големите криминали кои во континуитет ги следат!Народот препознава чесност, работливост и посветеност во ВМРО-ДПМНЕ!“, велат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ.