ВИДЕО – Започна 7-миот по ред „International Prilep Jazz Weekend“

По 7-ми пат, во наредните 3 дена прилепската публика ќе има можност да ужива во звуците на џезот. Започна „International Prilep Jazz Weekend“ на кој ќе настапат повеќе музучари од Македонија и странство. После скопскиот прилепскиот џез фестивал е еден најголемите и најдобрите во Македонија. Досега настапиле многу познати имиња во џезот и од Европа и од Балканот, како и од Македонија.

 

ПОГЛЕДНЕТЕ ДЕЛ ОД АТМОСФЕРАТА И ИЗЈАВИТЕ ОД ПРВАТА ВЕЧЕР НА „INTERNATIONAL PRILEP JAZZ WEEKEND“ 

 

 

 

„Прилепскиот џез фестивал за прв пат се одржа во 2012 година. Во нашата држава се разбира Скопскиот џез фестивал е еден од најпознатите и со подолга традиција, но веднаш потоа следува нашиот џез фестивал. Има џез случувања и во другите градови во Македонија, но не во толкав степен, затоа што навистина Прилепскиот џез фестивал го собра вниманието во регионот, не само со својата квалитетна програма, но и со својата наметливост и оригиналност. Критиката на публиката и критиката на оние што настапувале ни дава стимул да го развиваме и понатаму, се разбира како што напредува џез културата и џез музиката во светот, секогаш е поинвентивна и послободна, па така и ние го следиме тој тек и еден од идните планови е да влези и во европската џез мрежа“, истакна Снеже Ристеска, советник за култура во Општина Прилеп.

 

Фестивалот го отвори Kekko Fornarelli Trio од Италија.

 

„Ова е мој прв пат да бидам тука во Македонија и секогаш е убаво да откриеш нови реалности, патувајќи околу светот, затоа што знаеме дека ова е регион кој е многу интересен за музика и исто така е убаво да се споделува нашата музика на вашиот народ. Денеска ќе ги свириме сите песни од нашиот последен албум и навистина се надевам дека ќе уживате и се надевам дека повторно ќе се вратам во некоја нова пригода, можеби повторно тука, а можеби во Скопје, но во секој случај во Македонија. Свирам џез музика од пред 15 години и ова е мојот петти албум. Почнавме да патуваме околу светот во 2012 и имаме свирено концерти во 42 земји. Почнавме со фестивал минатиот месец но од денес почнуваме една многу долга турнеја, што ќе не држи окупирани до декември. Свириме тука, па во Кореја, Белорусија, Обединетото кралство, Германија итн и се надеваме дека отсвириме добро и ќе ја споделиме оваа музика, нашиот последен албум со сите луѓе“, рече Kekko Fornarelli, музичар од Италија.

 

Прилеп за овие 7 години веќе изгради публика која знае да ужива во овој вид на музика.

 

„Мислам дека веќе има доволно публика, не знам кој по ред е оваа година, 6-7. Редовен посетител сум и мислам дека веќе Прилеп има добра џез публика и неколку џез клуба низ градот се добро посетени. Џез музиката ми е пријатна за слушање, има повеќе правци во џез музиката, нормално некои не можам да ги слушам, но другите можам. Чувството на пријатност е посебно, за разлика од некоја друга музика“, вели еден љубител на џезот од Прилеп.

 

„Од млад ја слушам, од средно. Џез и рок во мое време беа многу шик, па дојдоа Леб и сол. Џез фестивалот е супер работа, лани беше Влатко Стефановски и одржа прекрасен концерт, но и другите музичари. Добра музика за душа“, кажа друг љубиител на оваа музика.

 

 

Меѓународниот фестивал на џезот го заокружува фестивалскиот дел на програмата што ја организира Општина Прилеп за оваа година. Почетокот беше со карневалот „Прочка“, потоа фестивалот на народни инструменти, театарскиот фестивал, фестивалот на пивото и ова е последниот фестивал за 2018.

 

„Оваа година ќе биде седма по ред со меѓународно учество. Ќе има претставници од повеќе држави во Европа, од Германија, Франција, Италија, Србија, Грција и секако од Македонија. Вечерашните уметници што ќе го отворат овој фестивал, мислам дека граѓаните ќе уживаат во претставата и музиката што ќе биде претставена, како и во наредните два дена. Мислам дека нашите граѓани ќе докажат и на овој фестивал ќе учествуваат во голем број и ќе уживаат во музиката што ќе ја презентираат претставниците од државата и странство. Јас се надевам дека заокружувањето со овој фестивал ќе докаже дека Прилеп знае и може да организира еден ваков тип на фестивали и уверен сум дека ќе преставува стимул и наредната година да направиме уште поубава презентација на сите овие наши фестивали што ги организираме“, изјави Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

 

Фестивалот во сабота го затвораат „Деца лоших музичара“.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи