Pо кратко боледување, на 81 година почина истакнатиот македонски театарски и филмски режисер Љубиша Георгиевски.
Георгиевски е роден во 1937 во Битола, беше професор по театарска режија и актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Дипломирал на Академијата за театар, филм, радио и телевизија, група „Театар и радио режија”, во Белград, 1974.
Како театарски режисер, има поставено над 160 претстави во Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Бугарија, Романија, Полска и други држави, како и четири постановки во САД, каде на универзитетите во Јужна Калифорнија и Тексас предавал теорија на театарот и актерска игра. Неговите претстави се играат на повеќе од десет јазици и истите гостувале ширум Европа, од кои позначајни гостувања се во Москва и Виена.
Има објавено десеттина книги. Режисер е и на филмовите „Под исто небо“, „Планината на гневот“, „Републиката во пламен“ и „Цената на градот“. Добитник е на повеќе од дваесетина награди низ поранешна Југославија и во Македонија.
Меѓу последните негови претстави се „Аферата Елсинор“ во Македонскиот народен театар (МНТ) и лани „Кристифор Колумбо“ во Драмски театар.
Како политичар, во 1994 беше и претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, потоа амбасадор во Бугарија (2000-2004) и претседател на Собранието од 2006 до 2008 од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.