За прв во Македонија ќе се започне со имплементација на софтвер насловен како „Интегрирана ветеринарна програма“ со кој што конечно ќе се има можност да се следи состојбата околу тоа кои антибиотици им се даваат на животните, кои болести и каде најчесто ги има, се со цел побрза интервенција и намалување на заболувањата.
„Ќе се следи зравствената состојба на животното. Истовремено секое ветеринарно друштво и ветеринар ќе има комплетно досие за тоа што е аплицирано, што е дадено, на некој начин следливост на антибиотиците кои се даваат“, изјави Катерина Јованоска, секретар на Ветеринарна комора.
Со софтверот ќе се елиминира и внесувањето на антибиотици на црно во државава.
„Ќе се знае точно кој лек влегол во државата, каде се употребил, кој го зел. А сега во овој момент имаме и пракса на диво, односно на црно продавање на лекови“, кажа Жарко Михајлоски, доктор по ветеринарна медицина.
„Досега не се знаеше ништо, не се правеа никакви тестови, немаше информации, колку има влез, а колку излез на лекови. Сега со овој систем ќе се знае се“, потенцираше Рамиз Селмани, потпретседател на Ветеринарна комора.
Овој софтвер е дел од од проектот „Подобрување на продуктивноста и успехот на пазарот на македонските земјоделци“, кој го спроведува ЛАГ АГРО ЛИДЕР.
„Не можеме да зборуваме за развој на сточарството доколку не ги внесеме ветеринарите, бидејќи тие се клучна алка во развој на сточарството и обезбедување на социо-економски рурален развој“, изјави Марина Тошеска, ЛАГ АГРО ЛИДЕР.
Ветеринарите податоците за животните ќе може да ги внесуваат и директно од терен преку мобилна апликација, што уште повеќе ќе ја олесни нивната работа.