Македонија на домашен пазар годинава ќе се задолжи за 45 милиони евра повеќе од планираното

Facebook
Twitter
Email
Print

Максималниот износ на задолжување на државата годинава се зголемува за 45 милиони евра со одлуката за утврдување на нов максималниот износ за издавање на државни хартии од вредност што Владата ја донесе пред два дена.

 

Од Министерството за финансии велат дека станува збор за усогласување со ребалансот на буџетот, кој беше усвоен во август годинава. Велат дека освен дома, за 2017 година, не е предвидено задолжување на меѓународниот пазар.

 

„Оваа Влада нема да издава еврообврзница до крајот на годината, бидејќи успешно се финансираме на домашен пазар по историско ниски каматни стапки. Со оваа одлука, пак, максимумот е зголемен за околу 45 милиони евра“, велат од Министерството за финансии.

 

Став на Владата е дека поради ниските камати на записите на домашен пазар и тоа што има интерес кај приватните финансиски институции да ги купуваат, подобро е годинава да не се покрива дефицитот со задолжувања од надвор.

 

Сепак, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека новата Влада ја носи Македонија во амбис. Христијан Делев изјави дека со одлуката за измена на максималниот износ на задолжување преку издавање на државни хартии од вредност, државата дополнително се заглавува.

 

„Со оваа одлука црното економско трио ќе не заглави и нас и сите идни генерации во долгови само за да ја покријат сопствената неспособност за креирање нормални услови за раст на економијата“, рече Делев.

 

Буџетскиот дефицит за годинава е позициониран на 2,9 отсто од БДП или во апсолутна сума изнесува 18,57 милијарди денари.  Во 2017 година државата треба да отплати стар долг вреден 18,35 милијарди денари, односно треба да позајми 36,92 милијарди денари.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи