Најмалку до крајот на годинава ќе трае кризната состојба на јужната и на северната граница на Македонија, поради висок ризик од влез и транзитирање на мигранти, а со цел заштита на јавното здравје во услови на прогласена пандемија на ковид-19. Собраниската Комисија за одбрана и безбедност, на денешната седница, едногласно ја усвоила предлог-одлуката на Владата за продолжување на рокот за постоење кризна состојба на дел од територијата на Македонија.
Конечната одлуката се очекува да биде донесена на утрешната собраниска седница, заедно со предлог- одлуките за испраќање припадници на Армијата на Македонија во меѓународната операција на ОН – УНИФИЛ во Либан, кои исто така поминаа на денешната комисиска седница.
Владата на 13 овој месец го усвои записникот од 10. седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи и Записникот од седницата на Групата за процена и ја, утврди потребата да се продолжи рокот за постоење кризната состојба до 31 декември 2021 година.
Првичната предлог-одлука всушност го проби рокот кога требаше да биде донесена – до 31 март годинава, кога истекуваше претходната Одлука за кризна состојба на дел од територијата на државата, поради тоа што Алијанса/Алтернатива имаа поднесено неколку стотици амандмани. Така се создаде вакуум, поради што претседателот Стево Пендаровски беше приморан да ја повлече армијата од јужната и од северната граница, за да ја врати кога Владата интервенираше со своја одлука за продолжување на кризната состојба за еден месец.
Кризната состојба на јужната и на северната граница трае веќе неколку години и постојано се продолжува за да може да биде ангажирана и Армијата.