Британската влада објави дека Брегзитот ќе се случи на 29 март 2019 година, во 23 часот по локално време, а ваквите прецизни податоци ќе бидат внесени во амандманот на нацрт-законот за истапување од ЕУ, кој моментно се наоѓа на изработка во Парламентот.
„Нашиот амандман јасно укажува на тоа дека Велика Британија ќе ја напушти Европската унија во 23 часот на 29 март 2019 година“, се вели во соопштението на министерот одговорен за Брегзит, Дејвид Дејвис.
Според неговото министерство, некои пратеници се загрижиле дека датумот за спроведување на Брегзитот нема да биде внесен во законот.
„Ја сослушавме јавноста и Парламентот и ги направивме тие промени со цел да се избегне забуна“, рече Дејвис.
Со ова се земаат во предвид загриженоста на приврзаниците на разделбата со блокот, кои се плашат дека мачните потези на преговорите и се повидливата опозиција против разделбата со ЕУ можат да наметнат одложување.
„Одлучивме да ги слушнеме гласовите на пратениците и јавноста и ги направивме промените за да избегнеме каква било загриженост за тоа што значи терминот „ден на излез““, вели министерот Дејвис.
Денот на заминувањето следува од фиксниот двегодишен период за преговори со Брисел и се смета од датумот кога премиерот ја активираше т.н. Клаузула 50 од Лисабонскиот договор.