Сменетиот претседател на каталонската влада и лидер на движењето за отцепување на шпанската покраина Карлес Пучдемон, повторно ќе биде главен кандидат на својата партија на регионалните избори во декември, додека во Брисел се бори против екстрадицијата во Шпанија.
Пред белгиските медиуми, Пучдемон откри дека веќе работи на списокот со кандидати со кои ќе настапи на изборите за покраинскиот парламент на Каталонија, на 21 декември. Партијата на Пучдемон и каталонската републиканска левица на поранешниот вицепремиер Орион Жункерас не успеаја да се договорат за заедничка кандидатска листа за изборите, па така, Демократската партија на Каталонија ќе ја претстави својата листа под името „Заедно за Каталонија“.
Тој смета дека кампањата ќе ја води од Брисел, каде што со уште четири свои поранешни министри се соочува со постапка за екстрадиција на крајот на која би можел да биде вратен во Шпанија за да се соочи со обвинувањата за бунт и поттикнување бунт.
Пучдемон пристигна во Брисел откако централната влада во Мадрид го распушти парламентот во Барселона, ги суспендира автономните овластувања на Каталонија и закажа парламентарни избори.
Поранешниот каталонски лидер треба да се појави пред белгискиот суд на 17 ноември, кога ќе биде донесена одлука за тоа дали ќе биде екстрадиран во Шпанија или ќе му биде дозволено да остане во Белгија.