Премиерот Зоран Заев денеска од Штип уште еднаш коментираше за трагедијата со модуларната болница во Тетово.
„Тагата и болката се големи, но трагедии се случуваат насекаде. Веднаш презедовм чекор што мислам треба да превземат и во иднина да не дозволиме да се случуваат вакви трагедии. И оваа трагедија има поуки, се прават дополнителни контроли на сите модуларни болници низ земјава, и веројатно долг период пред нас ќе бидат предмет на испитување на ваквите болници. Тоа се болници за згрижување на пациенти. Сите треба да учиме од слабостите на системот, трагедиите треба да ги прифаќаме како трагедии со најобјективни претпоставки и најобјективни очекувања и испитувања за нивната причина“, истакна Заев.
Заев повтори дека ќе ги чека наодите од вештачењето и форензичките извештаи, вклучително и германските, кои треба да бидат комплетирани многу скоро и дека потоа ќе ја донесе одлуката за поднесените оставки.
„Јас само можам да упатам апел, тоа што граѓаните го бараат – постапката професионално и експертски целосно да се заврши и колку што е можно побрзо. Граѓаните заслужуваат одговори. Кога ќе бидат соопштени наодите од вештачењето и форензиката, тогаш ќе го кажам и моето размислување по повод поднесените оставки од министерот, заменик-министерот, директорот и економскиот директор на Болницата.
Според него, чувството за морална одговорност е разбудено, но не може да се распушти државата кога се случуваат несреќи.
„Не можеме да ја распуштиме државата кога се случуваат несреќи. Тагата е голема, болката е присутна кај сите. Сите сме од крв и од месо, но трагедии се случуваат секаде. Многу е важно да се знае дека заради политчки агенди и пориви, не треба никој ништо да прави, а заради етички, тоа е лично чувство и може да преземат одредени чекори тие што така мислат. Пред се е важно дали ситемот е добро поставен, кои биле неговите слабости и од нив треба да учиме, да не дозволиме да се случуваат други вакви трагедии, рече Заев.
Тој додаде дека никој не е вечен на функцијата и дека секој е заменлив, но не требало веднаш да си даде оставка затоа што некој тоа го барал.
„Никој не е венчан за функцијата, секој е заменлив, но не треба веднаш да си даде оставка затоа што некој тоа го бара. Оставам експертите да ги кажат сите детали околу трагедијата, тоа го чекаме сите“, рече Заев.