Во гостување во Дневникот на ТВ Сител вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров вели дека сегашната политика на Бугарија со вето, притисок и уцена создава негативен амбиент и е инвестиција во антагонизам и правење непријателство, а не пријателство.
„Кога вие на вашиот комшија ќе му кажете дека сте резултат на етнички инженеринг или вашиот јазик не е јазик, се разбира дека ќе има револт. Договорот за пријателство во Преамбулата вели дека ќе ги развиваме односите врз основа на заемна почит и разбирање, рече Димитров.
Лошо е за нас, рече, но и за самата Европска унија и за довербата во Унијата, а со тоа и влијанието во еден важен регион за Европа – Западниот Балкан.
„Ние ги исполнивме критериумите, подготвени сме, дури и поподготвени за членство од земјите кои се во пристапниот процес за дел од кластерите. Ние испорачавме, но ЕУ не испорача кон нас. Мислам дека е време да не ја критикуваме целата ЕУ, бидејќи има држави кои отворено и многу силно ни даваат поддршка. Имаме проблем со една земја“, вели Димитров.