Слабата форма на Реал Мадрид очекувано носи нервоза во соблекувалната на актуелниот шпански и европски првак. По неочекуваната тешка победа во дуелот против Малага (3:2), тренерот Зинедин Зидан се налути и имаше многу забелешки до играчите.
Сепак и фудбалерите не останаа должни на тренерот, а најконкретен бил капитенот на Реал Мадрид, Серхио Рамос кој отворено му порачал на тренерот Зинедин Зидан дека може да ги работи последните два месеци на оваа функција.
Шпанските медиуми откриваат дека тој му посочил дека неговата работа зависи од дербито против Барселона и дека ако не победи на него, може да добие отказ. Сепак, освен закана, пораката на Рамос содржела предупредување дека во соблекувалната веќе се прават кланови против Зидан, а често пати порано се случувало претседателот Флорентино Перес тоа да го смирува со откази за тренерите.
Иско исто така има проблеми со Зидан. Со враќањето на Герет Бејл во стартната постава по опоравувањето од повредата, Иско автоматски се сели на клупата за резервни играчи. Но, шпанските новинари тврдат дека тој не сака да се помири со таков развој на ситуацијата.
Во својата пета сезона во Реал, Иско наводно смета дека заслужува повеќе почит. Во случај да заврши на клупата, тој е спремен да побара трансфер веќе во јануари, а заинтересирани клубови нема да недостасуваат, тврди „Diario Gol“.
Минатата сезона Зидан направи огромен успех со освојувањето на титулите во домашното првенство и во Лигата на шампионите. Може да стане прв тренер на Реал со пет трофеи во една календарска година, но оваа сезона неговиот тим заостанува огромни осум бода на третина од шампионатот. Францускиот стратег е најуспешниот тренер на „кралевите“, ако се гледа според тоа колку време е на клупата на тимот од „Сантијаго Бернабеу“, а колку трофеи се донесени во клупските витрини.