Како дел од проектот на УНДП „Зајакнување на националните и локалните системи за поддршка на ефективна социо – економска интеграција на повратниците во Западен Балкан“ денеска во ООУ „Добре Јованоски“ во Прилеп беше пуштено во употреба мултифункционално игралиште, чија вредност изнесува околу 3 милиони и 200 илјади денари. Изградбата на ова училиште беше одлучена на форумските сесии одржани во Прилеп, со претставници од сите институции. Во ова училиште се имплементираше уште еден проект со поддршка на УНДП, „Дооформување на основното образование за возрасни“, каде беа опремени 2 училници каде ќе учат лицата кои не го завршиле основното образование, како и децата на повратниците кои немаат завршено основно образование.
„Ова игралиште секој ден ќе нѐ потсетува да не заборавиме дека спортувањето носи најголеми придобивки кај децата, почнувајќи од физичкото и психолошкото здравје, се до социјалниот аспект од животот. Спортот како телесна активност дополнително стимулативно помага во дактичкиот раст и развој. Спортот преставува воспитно социјална активност која има улога во растот и подготовката на личноста за одговорна личност. Влијае на поттикнувањето на социјалното однесување, успехот во училиштето, јакнење на карактерот, самопочитување и самодоверба, усвојување на морално вредности и навики за здраво живеење“, вели Панде Николоска, директорка на ООУ „Добре Јованоски“ од Прилеп
„Тука меѓу нас се неколку стотини деца кои на своите маици го имаат логото на проектот, „Повторно дома за подобра иднина“. Иднината е во децата, иднината е во вакви интервенции кои ќе овозможат луѓето, дечињата да се чувствуваат во иднина свои на своето и да не бараат подобра иднина во некои други држави“, кажа Драган Ристовски, координатор на проектот од УНДП.
Овој проект се имплементира во 3 држави, Македонија, Србија и Албанија, а финански е подрржан од ЕК. Во Македонија пак проектот се импелемнтира во Прилеп, Шуто Оризари Штип. ООУ „Добре Јованоски“ е мултиетничко училиште, каде децата од најмали нозе се учат на толеранција и почитување на различностите, да другаруваат помеѓу себе без никави предрасуди и пречки. За овој ден 200 ученици го формираа македонското знаме.
„Вистинска среќа е тогаш кога работите се споделуваат, а денес споделуваме заеднички искуства и заеднички резултати кои сите овие дечиња понатаму може заеднички да го сведочат. Најголемата инвестиција е всушност инвестицијата во образованието, несомнено е дека тука почнува целиот процес и на вклучување и на раст и развој на секоја индивидуа“, потенцираше Елвис Мемети, советник на премиерот за ромски прашања.
Игралиштето има гумирана подлога и на него може да се играат повеќе спортови, одбојка, тенис, фудбал, баскет, а има и фитнес справи. Освен тоа опремено е и со друга урбана опрема како клупи и корпи за отпадоци. Ова мултифункционално игралиште беше пуштено во употреба со турнир во одбојка помеѓу наставниците и родители, како и со училишни натпревари во футсал.
„Придобивките од проектот се развивање на спортско – рекреативниот дух кај учениците од училиштето и заедницата, како и подобрување на воспитно образовниот процес за што навистина докажано водиме максимална грижа во изминативе две години, буквално со секое училиште во нашата општина. Исто така проектот има за цел да ги здружи децата од училиштето со децата од останатите училишта, од заедницата и децата од повратниците. Во однос на проектот за „Дооформување на основното образование за возрасни“ кој што беше избран за приоритет, сакам да посочам дека образованието е од исклучителна важност и клучен фактор за постигнување на подобар квалитет на живот и конкурентност на пазарот на трудот и обезбедување на основна материјална, социјална и економска сигурност“, изјави Борче Јовечски, градоначалник на Прилеп.
Игралиштето освен за учениците, кога ќе нема настава ќе биде отворено и за граѓаните од локалната заедница кои ќе сакаат да спортуваат тука.