Се наоѓаме во стариот објект на основното училиште „Манчу Матак“ во општина Кривогаштани, а повод за денешниот разговор е еден навистина интересен настан кој за прв пат се случува во општина Кривогаштани, а тоа е самостојната изложба на уметницата Светлана Грозданоска Зуламоска, која стана позната во Македонија по своите изработки од коса, уметнички дела изработени од коса. Сега тука имаме можност да забележиме дека и дела во повеќе техники, но за тоа ќе ни кажеш повеќе во разговорот. Пред се честитки за твојата прва самостојна изложба.
Грозданоска Зуламоска: Ви благодарам што ја посетивте мојата изложба, мило ми е што сте тука и што на тој начин може и пошироко да се види за Кривогаштани и за тоа што се случува во Кривогаштани. Ова е моја прва самостојна изложба, претходно имав една во Крушево во Спомен куќата на Тоше Проески со слики од Тоше на камен. Тоа беше во 2024, а сега оваа година сум тука во мојата општина Кривогаштани со прва самостојна изложба. Можам да кажам дека беше прекрасно доживување, беше доста посетена, прекрасно искуство, многу работа, многу труд. Постојано го слушам тоа кога ќе ми речат талент, тоа е талент, викам точно е, 10% талент а 90% работа, тоа е вистината за секоја работа. На мојата изложба изложив повеќе од 40 дела, имам дела кои се слики на платно изработени со акрилни бои, со акрилни бои сликам доста на камен за што показател се делата од Тоше Проески што ги изработив. Сликам и други мотиви на камен, а нешто што можам да кажам дека беа моите почетоци на поинтензивно цртање, тоа е работата со коса, односно сликањето со коса. Имам доста слики со коса кои се веќе врамени и тоа се слики од траен карактер, значи косата е природен материјал, но не се уништува, значи остануваат сликите засекогаш. Делото што ми е мене најдраго, што секогаш сакам да го работам, тоа се портретите кои ги работам на подот со коса. Тие портрети ги работам без претходно да подготвувам шема или цртежи, туку почнувам да ги работам, ја просејувам иситнетата коса и откако ќе го завршам тој дел со иситнета коса употребувам и долги коси. Тоа се материјали од мојата работа што ја работам, фризерската работа, ги собирам косите и ги селектирам, дел иситнувам што ми потребно за просејување на косата, дел ги чувам во различни должини и така на тој начин ја творам мојата уметност.
Овде имаме можност да погледнеме околу 40 дела изработени во различни техники, но и едно навистина импресивно дело изработено од коса, а тоа е жена воин. Долга е над 3 метри тоа дело, од каде е инспирацијата за него и колку време го изработуваше? Што претставува пред се жената воин?
Грозданоска Зуламоска: Жената воин е силата на жената, се инспирирав од силата на сите жени на денешницата. Тоа ми беше најголемиот мотив. Го изработив со љубов, изложбата немаше да ми биде комплетна ако не изработев такво дело. Го работев скоро 8 часа и сеуште стои тука во просторијата, но мора сега да заврши како и сите други дела, ќе биде косата дувната со фенот. Завршницата е таа за да се отвори простор за друго дело.
Колку дела со коса имаш изработено?
Грозданоска Зуламоска: Не сум броела, можеби 50-тина дела имам изработено. Сите ми се документирани со видео, фотографии. Со тие дела малку и забава си направив, изработувам портрети од познати личности, ги тагнувам и ги постирам и доста од нив ме исконтактираа, ме прашуваа што е ова, прв пат гледаа такво нешто. На тој начин се запознав и со многу јавни личности.
Кои ликови ги имате изработено?
Грозданоска Зуламоска: Од Македонија можам да кажам од јавните личности се Игор Џамбазов, Тамара Тодевска, Тијана нејзнината сестра, Лила Филиповска, Кире Лазаров, Ѓорѓи Колозов, Есма Реџепова, премногу се навистина. Од странските личности ги направив Реља, Јелена Карлеуша и многу други и скоро сите ме исконтактираа на различни начини, ме постираа, сепак им беше задоволство на сите што добија свој портрет. Марија Шерифовиќ ја направив и многу други, сум заборавила кои се сум ги направила.
Како започна приказната помеѓу Светлана и уметноста, дали е тоа од мали нозе или таа креативност во тебе се појаву малку подоцна?
Грозданоска Зуламоска: Ако знаеш да сликаш, ако си уметник се раѓаш како уметник, отсекогаш сум знаела да цртам и да сликам, но никогаш не го приметував тоа како многу значајно, мислев дека тоа ми е мала дарба и уживав понекогаш да нацртам. Можам да кажам дека како девојче го нацртав Јосип Броз Тито, претседателот на нашата бивша Југославија и го нацртав толку убаво што домашните кога го видоа се зачудија. Така се сеќавам на повеќе дела, повеќе пати сум сликала и цртала, тоа го покажав и на моите студии, се запишав на Технички факултет во Битола и баш омилен дел ми беше техничкото цртање. Цртањето ми било отсекогаш во мене, вродено, но сега поинтензивно цртам 6-7 години, откако почнав со косата. Се мотивирав многу, ние фризерите секогаш велам дека сме уметници. Почнав да цртам со коса од што си ја сакав работата, уживав кога творев, кога стрижев, кога правев фризури, кога шминкам, јас сум и шминкер и во шминката многу уживам. Желна да направам нешто повеќе произлезе во мене идејата да нацртам некое дело, после работа останав сама, бев слободна, си клекнав на подот и го нацртав тенисерот Новак Ѓоковиќ.
Значи тоа е првото дело, Новак Ѓоковиќ?
Грозданоска Зуламоска: Првото дело беше Новак Ѓоковиќ. Стоеше во салонот неколку денови, луѓето што идеа вртеа околу него и се воодушевуваа, ми велеа да го постирам. На тој начин почна сето тоа, го постирав портретот од Новак Ѓоковиќ, порталите тоа го забележаа и баш беа многу заинтересирани, каква е оваа уметност и од каде идејата за таа уметност и на мое големо задоволство и до Новак Ѓоковиќ дојде тоа и тој го сподели на наговиот профил и тогаш бев навистина пресреќна.
Која година беше тоа?
Грозданоска Зуламоска: Пред 4-5 години, не се сеќавам баш точно, но тоа беше почетокот и потоа следеа сите други идеи за јавни личности. Така почнав, ми стана интересно, ем забава, ем уметност, сетоа тоа вткаено во едно и мислам дека ми се промени и животот на тој начин.
Месечно колку дела изработувате од коса?
Грозданоска Зуламоска: Зависи како, некогаш ми се случува да изработам повеќе, некогаш ниту едно, зависи како имам време. Обично кога не изработувам одмарам, собирам енергија и секогаш имам нешто на ум. Често ме прашуваат сега кого го имаш на ум и велам дека е изненадување, секогаш сакам да изненадам, не ми е интересно секогаш од почеток и секогаш делото кое ќе го направам го постирам и сакам да биде изненадување за сите.
Името на оваа изложба е „Мојата визија“. Визијата сегашна можеме да ја видиме, која е идната визија на Грозданоска Зулјамоска во врска со нејзината уметност?
Грозданоска Зуламоска: Како што кажав, секогаш имам нешто на ум. Следниот ден кога заврши изложбата, еве сега кога завршува јас веќе друго имам на ум, но за тоа потоа. Сакам најпрво сама да го почувствувам тоа што сакам да го направам, дека тоа е тоа и кога ќе сум сигурна дека сакам тоа да го направам ќе се еслучи следна изложба или ново дело, за почеток сега ново дело, па понатаму и изложба сигурно.