ВИДЕО- Потребен е поголем граѓански активизам и мониторинг во текот и по изборните процеси-Руралните заедници за отворени и отчетни избори

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми



Само 43% од 700 испитаници од 7 различни општини (Кичево, Пласница, Македонски Брод, Гостивар, Врапчиште, Брвеница и Јегуновце) во два плански региони (Југозападен и Полошки) ги познаваат целосно своите избирачки права. Како главни канали преку кои се и информираат граѓаните за изборите од руралните средини се традиционалните медиуми, радио и телевизијата, а додека социјалните медиуми се на второ место како медиум кој што се користи за информации, а на трето место се пријателите и семејството. Ова се само дел од податоците кои се добиени во текот на истражувањето во рамки на проектот  „Руралните заедници за отворени и отчетни избори“, спроведуван од Рурална коалиција Кичево.

Високи 59%, односно повеќе од 287 од 700 жители во руралните средини немаат информација како може да пријават изборни нерегуларности за време на изборниот процес. Сличен е бројот на жители кои што немаат информација што може да направат граѓаните по завршувањето на изборите во делот на граѓански мониторинг и вклучување во локалните процеси на донесување на одлуки.

Охрабрува информацијата дека дури 73,8% од жителите во руралните средини сметаат дека секој граѓанин треба активно да го користи своето избирачко право, а сличен е процентот на жители кои што кажала дека излегле на гласање на последните локални избори.

Во руралните заедници избирачкото право најчесто се препознава само како право на глас, а многу поретко како право на информирање за изборниот процес, право на кандидирање, право на набљудување на изборниот процес итн.

Граѓаните во руралните заедници не учествуваат во било какви активности поврзани со изборниот процес, како на пример, јавни дебати, обуки за набљудување, отворени дискусии низ селата на јавни места и сл.

„Кога станува збор за изборниот процес и за граѓанскиот активизам беше поразителен фактот што над 75% од локалното население истакна дека нема волја и нема интерес да се вклучува во активности во текот на изборниот процес и по неговото завршување. Во овој дел нас особено не интересираше да добиеме одредени информации дали граѓаните се вклучуваат во било какви активности, дали се тоа јавни дебати, работилници, едукативни сесии, кои се различни од партиските собири и митинзи. Меѓутоа согласно истражувањето се потврдија и нашите претпоставки дека граѓаните исклучиво, најмногу учествуваат на ваков вид на собири, кога станува збор за било каков граѓански активизам, а како причини зошто не се активни или не би сакале да бидат активни во овој период е дека немаат доволно волја, немаат доволно информации, едукација како да се вклучат во ваквите процеси, не веруваат дека нешто преку нивниот активизам ќе се промени“, изјави Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална Коалиција.

Граѓаните од руралните средини иако претежно излегуваат на избори не веруваат дека нешто ќе им се промени во животот со гласањето. Велат досега ретко кој вложил и направил нешто за македонските села.

Излегувате да гласате на локалните избори?

Кога како, излегувам. Овој пат не бев, инаку излегувам.

Зошто не бевте, за што сте револтирани?

Затоа што ни довод ни одвод имаме, ништо немаме.

Знаете каде да пријавите неправилности доколку се јават?

Колку сакаш пријавувај, никој не те гледа.

Колку ги следите програмите на градоначалниците и дали сте доволно запознати со нив?

Слабо.

Знаете што ветуваат градоначалниците кога гласате за нив?

Знаеме што ветуваат, но ништо не исполнуваат.

Сте имале некогаш некакви барања до советниците или градоначалникот?

Имаме барано, но не идат, дека приградска населба е ова“, рече Боге Тасески, жител во рурална средина.

 

„Излегувам, јас немам скокнато никогаш, секогаш одам. Или ќе те избришам, или ќе те изберам.

Сметате дека кај нас се чесни изборите?

Не верувам, јас бев и во комисија, се прави се. Но сега не знам, со новиве не знам, а порано маткавме“, додаде Никола Огненоски, жител во рурална средина.

 

Редовно излегувам да гласам, секогаш, без разлика кој, како и каде.

Верувате дека кај нас изборите се фер и чесни?

Не знам.

Сметате дека има неправилности некакви?

Сметам дека има неправилности во работата, ние сме оддалечени 4 километри, а се гушиме во вода, со поплави, немаме ни продавница за леб, за никаде. Еве, го чекам комбено и замина, не зедов леб, а јас живеам сама. Ако не ми носат децата нема што да јадам. Продавница нема, 4 километри село одделено од градот, ни канализација, ни пат, ни превоз.

Сте упатиле барања за сите проблеми кои ги имате до советниците, до Општината?

Одат луѓево, децава, помладиве, но ништо“, истакна друга жителка на рурална средина.

Бараат во иднина да има поголема соработка со локалната самоуправа и советниците за да се зголеми довербата на граѓаните кон локалните заедници. Но никој не ја контролира понатаму работата на градоначалниците во вид на некаков мониторинг.

„На секои избори сме редовни.

Сметате дека кај нас изборите се фер и демократски?

По мое да, овде никогаш немало ни насилство, ни кршење на кутии, ниту пак поткуп.

Доколку има некои неправилности знаете каде да ги пријавите?

Не, не ме интересирало, но на избори сме редовни.

Сте пријавувале до советниците, до градоначалниците за некакви проблеми кои ги имате?

Не“, кажа Киро Стојаноски, жител во рурална средина.

 

Знаете што ветуваат градоначалниците во програмите, ги следите ли програмите и колку исполнуваат од нив?

Ги следиме, почетници се, од минатите бевме задоволни многу, сега овие новиве ќе видиме. Минатиот градоначалник слаб беше, овој сега ќе видиме како ќе се покажи.

Ако има некакви неправилности знаете каде да пријавите?

Синот таа работа, на младите оставаме сега“, вели Петре Ристески, жител во рурална средина.

 

Имало некогаш некакви неправилности, сте забележале, знаете каде да пријавите ако се јават?

Да, знаеме, но досега немало такви неправилности, се било во ред.

Кога ќе излегуваат кандидатите за градоначалници со програми, ги следите програмите што ветуваат, како ветуваат, дали го остваруваат после тоа?

Да, да, инаку како ќе појдеш на гласање ако не си запознат со нивната програма.

За да се подобри довербата помеѓу локалната самоуправа и граѓаните што треба да се направи?

Гледаш паркот е како депонија, а требаше да го направат, требаше да се загради целосно, затоа што има деца и покрај тоа што овој пат е селски е доста активен со возила многу и дечиња ко дечиња можат да претрчаат и ете ја бељата“, истакна Алекса Мирчески, жител во рурална средина.

 

„За гласање нормално дека гласаме, е сега дали исполнуваат, сега за сега слабо, особено во селово наше. Со новиов градоначалник се надеваме, има најави дека ќе се реализира нешто. Тој е неколку месеци и се надеваме дека ќе ни направи канализација, патиштата да ги поправи, водоводот да биде постабилен, за селото тоа е најважното нешто. Треба нормално да имаме поголема посета од градоначалниците и советниците да идат, претставниците што не претставуваат во селово да има поголема комуникација со нив.

Моментално како е?

Сега за сега е 50 – 50, не е добро и се надеваме дека ќе биде подобро“, кажа Дејан Самарџиоски, жител во рурална средина.

 

„Во селово наше се нема ништо направено, имаме и барање за каналче да се направи и да се исчисти, во селово наше се нема воопшто ништо направено. Патот едната лента ја направија и не ја доправија, донесоа овде камчиња и потоа ги кренаа, значи ништо во селово наше се нема направено.

Сте упатувале како жители барања до локалната самоуправа?

Секаде имаме барано.

И одговорот?

Нема ништо“, разочарано додава Златко Јошески, жител во рурална средина.

Целта на проектот е зајакнување на капацитетите на граѓаните во руралните средини за следење на изборните активности на политичките партии обезбедувајќи транспарентост и отчетност на изборниот процес.

За таа цел Рурална Коалиција во периодот пред изборите како и за време на изборната кампања, односно во текот на месеците септември и октомври ја спроведе и герилата акцијата „Руралните заедници за отворени и отчетни избори!“ која што во исто време се водеше и на социјалните медиуми и на терен. Преку акцијата организацијата успеа да посети над 50 различни населени места во два плански региони (Југозападен и Полошки) движејќи се низ седум општини (Кичево, Македонски Брод, Пласница, Гостивар, Врапчиште, Јегуновце и Брвеница) делејќи флаери и лепејќи постери кои што ќе му објаснат на локалното население зошто е важно да се гласа, што значи тоа за локалната демократија и колку граѓанското учество е суштинско во изборниот, но и пост-изборниот период. Во герила акцијата беа вклучени сите категории на граѓани, а особено младите кои што и најмалку гласаат и кај кои што граѓанскиот активизам е на најниско ниво.

Низ герила акцијата беа испратени следните пораки:

  • Вклучи се во изборниот процес.
  • Следи ги кандидатите и нивните програми.
  • Гласај според тоа во што веруваш, а не според тоа што ти нудат.
  • Изборот е твој. Одлуката е иднина!

Некако доаѓа како целокупната заедница се активира само еднаш на 4 години, додека периодот по завршувањето на локалните избори, многу мал дел од граѓаните, односно само околу 30% доставиле било какво барање до градоначалникот, а уште помал е процентот на лица кои ја следат работата на новоизбраните градоначалници, или пак се консултираат со нив, со цел да може да утврдат колку од предизборните ветувања, или она што е напишано во програмата градоначаниците го реализираат“, посочи Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална Коалиција.

Имплементацијата на ваквите проекти претставува анимација на правата на граѓаните за тоа дека општините и локалните заедници не се сопствеништво на партиите туку токму на народот. А граѓаните треба постојано да следат што се ветува, а што се исполнува од тоа што кандидатите за градоначалници откако ќе победат и ќе седнат во фотелјата. Граѓанскиот мониторинг во иднина треба да биде константно воспоставен механизам со кој ќе се контролира работата на советниците и градоначалниците се со цел намалување на конформизмот на политичарите и поголеми придобивки за поквалитетн живот на граѓаните.

Ова новинарска сторија е финансирана од Европската Унија во рамки на проектот  „Руралните заедници за отворени и отчетни избори“, спроведуван од Рурална коалиција Кичево. Овој проект е субгрант добиен во рамки на „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” финансиран од Европската Унија. Содржината на видеото е единствена одговорност на проектот и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија и на Граѓанскиот ресурсен центар.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми