Три години СДСМ е посветена на реализација на концептот „Парите назад кон граѓаните“. Три години обезбедуваме повеќе пари кај секој поединец, во секое семејство. Истакна денеска во Прилеп, лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
„Уште во првите 100 дена од мандатот ја зголемивме минималната плата и тоа за сите сектори, без да има дискриминирани работници, како што беа тоа вработените во кожарската, чевларската и текстилната индустрија. Денес, и по сите противења на ВМРО-ДПМНЕ минималната плата изнесува 14.500 денари. До крајот на новиот мандат ја носиме над 20.000 денари, односно дури за 120% повеќе од минималната плата од 9.000 денари во времето на ВМРО-ДПМНЕ.
Во овие 3 години зад нас растеше и просечната плата. Во следниот мандат ќе расте уште повеќе. Просечната плата од 34.000 денари е нашиот нареден таргет и наша цел до крајот на мандатот и нема сомнежи дека тоа ќе го оствариме. Ја исправивме неправдата кон стечајните работници, денес 12.000 наши сограѓани добиваат по 8.000 денари месечен надоместок, а во следниот период добиваат и домашна платежна картичка од 9.000 денари.
Додека многумина не веруваа, а ВМРО-ДПМНЕ силно се противеше, ја воведовме и спроведовме најсериозната и најраспространетата мерка, со која за прв пат државата враќа пари директно на сметките на граѓаните. До Мој ДДВ за само 3 квартали вративме 10.7 милиони евра кон граѓаните. Овој проект продолжува и е уште подобар, затоа што лимитот го зголемуваме во периодот пред нас од 600 на 800 денари месечно, односно од 7.200 на 9.600 денари по корисник.
Со концептот парите кај граѓаните не застануваме ниту кога се соочувавме со здравствената и економската криза. Напротив, продолживме уште подиначмично да го реализираме овој концепт за враќање на парите кон граѓаните, уште подобро и уште повеќе. Со домашните платежни картички и со ваучерот за туризам кон повеќе од 324.000 граѓани вративме 28 милиони евра за купување на наши производи и услуги, за посета на наши домашни туристички центри и угостителски објекти.
Во следниот период, покрај стечајните работници, домашната платежна картичка од 9.000 денари ќе ја добиваат и пензионерите со пензии пониски од 15.000 денари, лицата кои се пасивни баратели на работа и самохраните родители. Ова, почитувани, е вистински доказ што значи грижа за сите и вистински економски патриотизам. Граѓаните ја гледаат разликата и затоа на 15 јули на целосно здравствено безбедни избори, на гласање со целосна заштита граѓаните ќе изберат овој концепт да продолжи уште повеќе и уште подобро.
На 15 јули граѓаните одбираат да продолжи растот на платите и пензиите. Парите да се враќаат во нивните буџети и нема да дозволат обнова на режимот кој ги крадеше нивните пари“, рече Заев.