Околу 100 хектари со сува трева и нискостеблеста шума горат во моментов во атарот на селото Дабница. Пожарот започнал кога несовесни граѓани ја запалиле дивата депонија која се наоѓа веднаш после излезот од населбата Тризла кога се оди кон Дабница.
„Пожарот започнал кај дивата депонија и истиот со голема брзина се движеше по планината. Поради сувата трева и ветерот огнот се префрли и на страната кон месноста Задград. Во моментов огнот е локализиран и ставен под контрола. Нема опасност за селото Дабница, но се уште постои опасност истиот одново да се обнови затоа што станува збор за површина од околу 100 хектари со сува трева и нискостеблеста шума. Токму поради тоа наши екипи ќе останат дежурни на теренот додека не се смири стихијата“, истакна Виктор Стојчески, командир на ТППЕ Прилеп.
Инаку во гаснењето на пожарот учествуваат 15 припадници на ТППЕ Прилеп и доброволци од градот. Минатата недела исто несовесни граѓани го запалија и ридот Маркови Кули.