Во организација на здружението за субкултура ПП ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ, на 27, 28 и 29 август 2020г, на летната сцена од Центарот за култура Марко Цепенков ќе биде одржано деветтото издание на Prilep Jazz Weekend фестивалот.
Поаѓајќи од мисијата на фестивалот: поддршка на домашната џез продукција и создавање на нова џез публика…комбинирана со актуелните протоколи за COVID 19 кои треба да се почитуваат, програмата на фестивалот е креирана со ангажирање на врвни музички бендови и артисти од Република Македонија.
Фестивалот ќе започне со премиерата на филмот “JAZZMAN – The form as a verb” од Велибор Педевски, снимен на локации во Њу Јорк, Скопје, Белград и Софија.
JAZZMAN е документарна сторија за живот посветен на уметноста на џезот, која ја раскажува Велибор Педевски, човекот кој е своевиден фокус на збиднувањата на овој творечки феномен… во филмот учествуваат Wadada Leo Smith, Reggie Nicholson, Reggie Workman, Anthony Braxton, Cecil Taylor, Brandon Ross, Graham Haynes, Doug Wieselman, Milcho Leviev, Dushan Koja Kojich, Влатко Стефановски, Љупчо Поповски, Тимчо Апостолов, Марко Коловски, Оливер Белопета.
После проекцијата на филмот, на сцена ќе ги видиме дечките кои и се веќе добро познати на прилепската публика и во Прилеп настапиле преку повеќе проекти и џез состави: Трајче Велков (труба), Зоран Костадиновски (гитара), Горан Гешовски (бас гитара), Виктор Филиповски (тапани) овојпат со авторски материјал обединети во бендот SkopjeJazzInc.
Втората вечер ќе ја отвориме со квартетот на Оливер Јосифовски и премиерно ќе го проследиме проектот FUSSION DEFFUSION CONFFUSION …проект кој содржи оригинални композиции и музички стандарди од егзотичен карактер, измешани со тврд hard rock звук. Покрај Оливер Јосифовски (контрабас), на сцената ќе ги видиме Гордан Спасовски (клавишни инструменти), Стефан Миладинов (гитари) и Александар Ванчовски (тапани и удиралки).
Светлост е моментално најактуелниот македонски џез состав на домашната и на меѓународната сцена. Бендот во 2019г го издава албумот „Odron Ritual Orchestra“ кој на светските листи е сместен меѓу петнаесетте најдобри албуми, а во 2020г ги реализираат албумите „Jazz (to the working class)“ и „Six Years“. Карактеристика за музиката на овај состав е дека истата се менува во зависност од луѓето вклучени во конкретниот проект, а стилските правци се движат од слободен џез, електро-акустична музика и пост-рок, до минимализам и амбиентална музика.
Нинослав Спировски [кларинет / сопран саксофон / тенор саксофон]
Кристијан Новковски [тапани / удиралки]
Дени Омерагиќ [бас гитара / синтесајзер / електроника]
Третата вечер ќе стартува со новината на овогодинешниот фестивал, промоција на книгата Press&Play од Ненад Георгиевски. Прес енд плеј (Press & Play) е составена од рецензии на албуми, на концерти и фестивалски настапи на изведувачи меѓу кои: Влатко Стефановски, „Леб и сол“, Кирил Џајковски, „Фолтин“, Џијан Емин, Ади Имери, Гоце Стефковски, Џон Аплелгрeн, Зоран Маџиров, „Анастасија“, „Чалгија Саунд Систем“, „Проект Жлуст“, „Скопскиот џез фестивал“, „Офф-фест“ итн.
Следни се Next to Silence, музички состав кој во својот репертоар вклучува исклучиво композиции од реномираната европска издавачка куќа ECM. Во своите настапи тие изведуваат неколку реаранжирани дела од богатиот опус на Enrico Rava, Carla Bley, John Abercrombie, Dave Holland, Terje Rypdal, Shankar, Jan Garbarek, Jim Pepper, Gary Burton, Art Ensemble of Chicago, Bill Frisell, Jon Balke, Tomasz Stanko, Nils Petter Molvaer и други. На фестивалот ќе изведат и дел од композициите на новиот албум кој е во фаза на студиско снимање.
Членови на Next to Silence се:
Александар Николовски (труба)
Филип Димишковски (клавијатури)
Драган Стојковски (бас-гитара)
Гоце Наумов (барабани)
Фестивалот ќе го затворат диско пост- панк активистите Бернајс Пропаганда. Со пет објавени албуми : „Happiness Machines“, 2009; „My Personal Holiday“, 2010; „Забрананета планета“, 2013; „Политика“, 2016 година; „Втора младост, трета светска војна“, 2019 година;, еден ЕП „Ништо нема да не раздели“, безброј концерти на турнеите низ Европа и САД, Бернајс Пропаганда се дефинитивно еден од најуспешните и меѓународно признати андерграунд музичари.Во Прилеп ќе настапат со следната постава :
Кристина Горовска – Вокали, текстови, вокални хармонии, уметничка насока и дизајн
Васко Атанасоски – Музика, стихови, бас, гитари, перкусии, аранжмани, продукција, вокал и менаџмент
Дени Крстев – синтисајзер, ритам програмирање, снимање, едитирање и мастеринг
Раде Јордановски – бас и продукциски менаџер
Кристијан Лафазановски – тапани и перкусии
Ова година Prilep Jazz Weekend фестивалот може да се пофали и со квалитетна OFF програма:
На 28 Август 2020г на локалитетот Врбјанска чука (кај село Славеј) свој перформанс ќе има Antonie AVP Project.
На 29 Август 2020г на летната сцена од ЦК Марко Цепенков ќе го проследиме перформансот на Leonard.
Влезниците по цена од 100 денари се пуштени во продажба во City Tobacco Centar во Прилеп.